РАСПУКАНИ/РАСЦВЕТАНИ ВРВОВИ
„Испукани/расцветани врвови“ се однесува на распукување или кинење на влакното на косата кое најчесто се случува кај долгата коса. Ова се појавува кога надворешниот слој на влакното на косата, кутикулата е оштетена изложувајќи го кортексот на косата. Ова оштетување може да води до кршење на влакното, суви врвови на косата, мртви врвови и се разбира испукани врвови. Генерално постои погрешно мислење дека испуканите врвови ги зафаќаат само врвовите на косата; косата всушност може да испука по целата должина на влакното. Ваквата оштетена коса е груба, невпечатлива и тешка за средување и обликување.
Постојат неколку типови на распукани врвови, секој од нив има своја причина и може да биде спречен со одредени промени во вашата рутина за нега на косата.
Постојат 4 главни типа на распукување на врвовите/расцветани врвови, кои се препознаваат по начинот на кој распукува влакното.
Гранка е најзастапен тип, каде краевите на косата личат на гранки од дрво. Кортексот е сè уште во најголем дел зачуван, но одредени делови се разделуваат. Овој тип на кршење на косата покажува дека на косата ѝ е потребна поголема влажност. Специјална маска за обновување на косата може да помогне во отстранување на штетата.
Типот виљушка се препознава преку разделувањето на три дела и е показател за посериозно оштетување на косата. Меѓутоа, маската за потхранување на косата може да спречи појава на поиспукани врвови.
Типот дрво влијае не само на врвовите, туку и на целата коса по должина. Во овој случај, неколку „гранки“ се разделуваат од кортексот кој дава изглед на искината коса. Овие треба веднаш да се пресечат како би се спречило проширувањето по целата коса.
Типот свеќа се сретнува кај влакна кои се истенчуваат спрема врвовите што е предизвикано од значајно оштетување на надворешноста на кутикулата. Ваквите разделувања на косата, исто така, треба да се пресечат и отстранат.
Расцветаните врвови се обично знак за премногу третирана, оштетена коса, кои ѝ даваат на вашата коса неуреден и нездрав изглед. Меѓутоа, факторите од животната средина и исхраната, исто така, играат значајна улога.
Физичкото оштетување е најчеста причина за појавата на расцветани врвови на косата. Ова вклучува сушење со груби крпи, силно четкање, тапирање, обликување со употреба на топлина како на пример фен, пегла за виткање и исправање на коса.
Хемиското оштетување е, исто така често. Виткањето, хемиското опуштање, бојадисувањето и бланширањето можат да придонесат кон оштетување на косата, како и употребата на погрешни производи за вашиот специфичен тип на коса.
Дополнително, изложувањето на влијанија од животната средина како директна изложеност на сонце, силен ветар и солена вода е причина за испукани врвови. Се разбира, начинот на кој се грижиме за нашето тело, исто така, има влијание на изгледот на нашата коса; неизбалансираната исхрана може да ја направи косата поподложна на оштетувања
За среќа, со мали промени може да се направи голема разлика кога станува збор за превенција на распукани врвови на влакното. Најпрво, важно е да се употребуваат производи кои се формулирани да ја потхрануваат и зајакнуваат косата. Овие шампони, балсами и маски можат да превенираат распукување на врвовите на косата преку навлажнување и измазнување на косата.
Бидете нежни со косата, особено кога е влажна. Не ја цедете водата од влажната коса или не ја бришете со груба крпа за да се исуши. Секогаш кога сте во можност оставете ја косата сама да се исуши, со оглед на тоа дека феновите може да бидат многу штетни за вашата коса. Потребно е да избегнувате силно четкање и затоа употребувајте чешел со широки запци за отплеткување на косата. Се препорачува да се употребуваат додатоци кои се пријатни за косата, избегнувајте гумени ластичиња за коса или стегачи со метални делови. И на крај, задолжително е редовно да ја потстрижувате вашата коса за да се избегне оштетување и појава на распукани врвови.